Марија Бошковска e книжевница, авторка, уредничка и програмска координаторка во КСП Центар-Јадро. Од 2017 до 2019, ја основа и работи како уредничка на дигиталната платформа за култура "Пиреј". Последните три години создава програма за креативно пишување наменета за деца и млади. Со-основачка е на неформалното друштво „Дума ин Сума“ кое организира креативни работилници за млади. Во склоп на оваа работа има курирано четири изложби и е со-уредничка на младинското списание „ШОК“. Како авторка се појавува во повеќе изданија и има пишувано проза, поезија, книжевни и филмски рецензии како и приказни за деца.
Ѓорѓе Јовановиќ е ликовен уметник, дипломирал сликарство во 2003 година на Факултетот за ликовни уметности во Скопје. Реализирал повеќе самостојни изложби и проекти и учествувал на бројни групни изложби, работилници и конференции во земјата и во странство. Реализирал повеќе резиденционали престои во Европа и САД, а за својата работа во областа на визуелната уметност е добитник на неколку награди. Oд 2003 година учествува во разни проекти и програми од областа на независната култура и активизмот. Соработувал со разни културни организации и институции во земјата и во странство (Контрапункт, Press to Exit, ЦАЦ, Темплум, МОФ, Teorija koja hoda, ONDA и др.). Пасиониран филмофил, меѓу долгата листа на омилени музички интереси ужива во рапавиот глас и приказните на Том Вејтс, заразните ритми и текстови на Фела Кути, гурман (иако треба да намали малку 🙂 ) и колекционер на музичкиот инструмент дромбуља (Jew's harp).
Ѓорги Пулевски дипломирал психологија и магистрирал студии на политиките во Скопје и проектен менаџмент во Портсмут, Англија. . Oд 2009 година учествува во разни проекти и програми од областа на независната култура и активизмот. Во 2010 и 2011 година издава два рап албуми како дел од дуото „Стрес“. Од 2013 до 2018 година е дел од дебатното кино „Контра кадар“ во Битола, каде што коорганизирал над 120 општествено-ангажирани настани со филмски проекции и дискусии. Од 2014 година работи на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“, најпрво како координатор на волонтери, а во последните три години како селектор и координатор на студентска и детската програма. Продуцирал и водел 35 културно-информативни емиисии на радио „106“ во Битола. Во 2016 и 2017 година бил програмски и административен координатор на грант на фондацијата „Роза Луксембург“ од Германија. Моментално е програмски директор на Филозофскиот филмски фестивал. Членувал во повеќе здруженија, меѓу кои движењето за социјална правда „Ленка“ и левичарското движење „Солидарност“. Фан на Ka, Billy Woods, Cristian Mungiu, Paul Verhaeghe. Стрпливо ги чека неделите во кои ќе се случат цели декади.