Skip to main content

Управување

„Центар-Јадро“ заеднички го основаа Општина Центар и „Јадро“ – Асоцијација на независната културна сцена, која во заедничка платформа обединува организации, поединци и неформални уметнички групи од целата држава. Ваквиот модел овозможува долгорочна одржливост, која е резултат на урамнотежениот однос помеѓу јавното финансирање и надзорот, од една страна, и независното програмирање и партиципативно носење на одлуките, од друга страна.
Улогата на Општина Центар е да обезбеди соодветен простор и основни средства за темелно функционирање и реализација на програмите. Продукцијата на програмата ја обезбедуваат организациите-кориснички, тимот на установата и партнерите на „Центар-Јадро“.

Основачи

Основачите ја надгледуваат работата на „Центар-Јадро“, ги носат важните одлуки за дејноста и развојот на центарот, даваат согласност на темелните документи и другите акти. Управниот одбор управува со „Центар-Јадро“ и се состои од три члена. Едниот член на Управниот одбор го именува Општина Центар, од редот на угледните културни и уметнички работници, другиот го бира „Јадро“ – Асоцијација на независната културна сцена, додека третиот член е од редот на вработените во установата.
Примарна улога на „Јадро“ – Асоцијација на независната културна сцена, е да ги обединува организациите што дејствуваат на ова подрачје и на тој начин да осигура програми што ќе се реализираат во „Центар-Јадро“. На тој начин се обезбедува и дополнително програмско финансирање од различни домашни и странски извори.
Клучна улога на Општина Центар е да обезбеди соодветен простор и основни средства за темелно функционирање на „Центар-Јадро“ и за одвивање на програмата.
Улогите, овластувањата и одговорностите на основачите се прецизно дефинирани и во темелните документи.

Организациска структура

Управниот одбор раководи со Центар-Јадро, ги донесува основните документи за работата на Центар-Јадро и одлучува за распределбата на финансиските средства на Центар-Јадро. Директорот ја организира и раководи работата и работењето на Центар-Јадро и го застапува пред трети лица. По завршувањето на конкурсот за раководител на установата, Управниот одбор го избира директорот, чија одлука потоа ја усвојува Советот на Општина Центар. Директорот се именува со мандат од четири години. Тој е одговорен за целокупната работа на центарот, а раководи со центарот во соработка со Управниот одбор, Програмскиот совет, вработените и другите соработници.
Програмскиот совет е стручно советодавно тело составено од истакнати личности од било која област на културата, кое дискутира за правилата и процедурите за користење на ресурсите (модел на работа), програмската ориентација и долгорочните програмски планови. Програмскиот совет брои три члена со мандат од две години.