Согледби од дискусиите на читачката група за феминизам и студии за животните
Моменти на очудување, моменти на иритација
Изборот на темата „феминизам и студии за животните“ за овогодинешниот циклус средби на читачката група на Центар-Јадро, којашто се одржа веќе по четврти пат и претставува една од неколкуте ретки можности за заедничко читање и дискутирање на современа критичка теорија, од повеќе аспекти се покажа како неопходна, важна и продуктивна. Од една страна, тесната поврзаност помеѓу практиката и теоријата во избраните текстови фантастично му прилега на заедничарскиот дух на групата чијашто задача овој пат не беше само да ги прочита и протолкува четивата, туку и да ги преиспита и да се обиде одново да ги осмисли секојдневните практики и активно да бара одговори и алтернативи за креирање решенија на клучни проблеми што нѐ засегаат сите. Од друга страна, пак, земајќи ја предвид колоритноста на групата којашто несомнено се должи на впечатливите креативни и интелектуални заднини на учесничките (повеќето интердисциплинарни работнички), пресекот помеѓу феминизмот и студиите за животните со коишто се занимававме отвори нови инспиративни гледишта кон уметноста и науката, односно кон индивидуалната (а можеби и колективната?) уметничка и научна практика. Ова несомнено произлегува од комплексноста на самата обработена материја, од слоевитоста на важни и поучни согледби за врската помеѓу жената и животното, но и помеѓу човекот и природата. Сеќавајќи се денес на дискусиите при нашите средби, се навраќам на оние моменти на восклик, на реализација, на очудување, но и на збунетост и иритација коишто ќе се обидам накратко да ги образложам во овој заклучен текст.
Надвор од границите на категориите
Токму во просторот каде што академскиот феминизам не го стигматизира животното како „друг“, не ја негира заедничката историја на угнетеност помеѓу жената и животното и не се дистанцира со страв од деградирањето на жената преку употребата на животински епитети, а каде што студиите за животните не го негираат родот и не настојуваат на некаков застарен биолошки детерминизам, наидовме на доста комплексна и слоевита феминистичка теорија којашто ѝ пркоси, пред сѐ, на поделеноста помеѓу човекот и природата и критички се поставува спрема дуалистичкиот емпиризам од којшто извираат научно непреиспитани односи на моќ. Долговековната доминација на дефиницијата на човекот како природно инаков од другите видови и супериорен, длабоко втемелена особено во западната интелектуална мисла, несомнено придонела за категорична сепарација помеѓу човечкото и нечовечкото којашто е длабоко вкоренета во науката, јазикот, но и во индивидуалната и колективната практика. Набљудувајќи го ова, прашањето коешто иницијално се наметнува како неопходно да се постави е сосема просто и едноставно: од каде точно извира човековата привилегија? Токму интерсекцискиот пристап помеѓу феминизмот и студиите за животните ја истакнува опасноста на овие епистемолошки одредници коишто не само што се неми пред неправдите и нееднаквостите, туку се и нивен двигател оправдувајќи ја објективизацијата на природата и на нечовечките животни како ресурс во корист на човекот. Како што напоменува Хансен, интервенцијата којашто произлегува од заедничката соработка помеѓу феминизмот и студиите за животните, мора да започне со препознавањето дека категориите „човек“ и „животно“ не се помалку „природни“ категории од категориите жена и маж, бел и црн, кои биле предмет на „деесецијализациска“ анализа од страна на феминистичките и антирасистичките теоретичари/ки. Човекот и животното се конструкти, маркирани од страна на временски и просторни услови на коишто, пак, им се потребни стабилни категории за да можат да реализираат специфични цели и да ја оправдаат нееднаквата дистрибуција на ресурси. Оттаму, фиксацијата на дуализмот „јас“ и „другиот“ што пред неколку децении претставувала и причина за разидување на феминизмот и студиите за животните, се надминува, од една страна, преку екофеминистичкиот повик да се стави крај на секаков вид на угнетување (ниту еден обид да се ослободат жените не може да биде успешен без еднаков обид да се ослободи природата), и од друга страна преку поставување на теориска основа во една нова смисла за себе („self“) кое е релационо и кое е во интерконекција со сите форми на живот.
Обострано условена угнетеност во корист на патријархатот
Доколку се земе предвид преплетеноста на историјата на угнетувањето на жените и на животните и евидентните заедничките точки во неа, размислувањето и пронаоѓањето нови пристапи во науката се покажуваат не само како неопходна потреба за различно дефинирање на целокупните социјални, политички и етички односи од екофеминистичка перспектива, туку и како неопходна потреба за преиспитување на историските моменти коишто се сметаат за цивилизациски пресвртници. Имено, не треба да нѐ ужаснува само фактот што почетокот на цивилизацијата сѐ уште се гледа во човечкото (машкото) однесување како ловец, издигнувајќи го чинот на убиство како чин на зачнување на цивилизираноста и културата, туку и селективната глорификација на понатамошните историски пресвртници, којашто со задоволство премолчува врз чии грб, труд и страдање биле овозможени одредени напредоци. Токму Лори Груен открива дека четирите таканаречени револуционерни етапи, односно почетокот на ловот, развојот на земјоделството и припитомувањето на животните, развојот на религијата како и индустријализацијата се сите тесно поврзани од една страна со сепарацијата на мажот како супериорен, разумен, контролирачки вид и од друга страна со истовременото угнетување на жената и животното како непредвидливите „други“ што треба да се скротат и покорат во име на машките кауза и полза. Дека оваа истовремена угнетеност е далеку од надмината, па дури и станува сѐ појасно обострано условена, е евидентно од сознанијата за експлоатацијата на жените и на животните во име на научниот прогрес, извитоперените динамики на моќ и на експлоатација во индустриите за хигиена и убавина како и, конечно, во домаќинството. Убивањето животни за научни експерименти кои не водат до никакво сознание, длабоката проблематичност на хормонските терапии коишто им се препишуваат на жени во недостиг на третмани што произлегуваат од темелно занимавање со женското тело, наметнувањето улога на експлоататорка на природата и животните за да ги задоволи машките стандарди за убавина како и на улогата на совршена домаќинка којашто ќе го приготви совршениот оброк за својот маж – парчето месо, се само дел од примерите коишто ја откриваат сѐ уште постоечката истовремена угнетеност на жената и на животните во различни сфери од животот. Но, настрана од ова и без да се фиксираме исклучиво на угнетените, важно е барем накратко да се посочи и кон неверојатните и запрепастувачки димензии на профит како и кон грозоморните последици за животната средина предизвикана од ваквите индустрии (особено месната индустрија).
Кон поинакви етички и политички вредности
Сето ова алудира на итноста за изнаоѓање на нови политички и етички вредности чијашто основа несомнено најпрвин може да се лоцира во неопходноста за борба кон истовремено ослободување на сите – вклучувајќи ја и самата природа, а не во партикуларното занимавање со одредена група на угнетени, додека се игнорира страдањето на друга. Поаѓајќи од погоре споменатата дефиниција на „себе“ како интерконектирано и релационо битие, се наметнува и нова етика којашто се разликува од таа на индивидуалиризраното коешто често оперира врз база на етика на права и/или правда. Читајќи ги екофемнистичките текстови во средина каде што поединци се активно вклучени во борбата за човекови права, читачката група беше освежена со идејата за обмислување на етика основана врз одговорности, реципроцитет и грижа. Можеби токму тука најдобро ја видовме и поврзаноста на теоријата со секојдневната практика: во можноста да развиваме свест за сопствената одговорност, да се повлечеме од апстрактното разгледување на динамиките на моќ и да ги погледнеме во даден историски и социјален контекст, да инсистираме на реципроцитетни релации и да стапиме во акција со грижа за другиот и за себе.
Промена преку заедништво и заедничко делување
Пошироко разгледувајќи ги теориските и идеолошките рамки во коишто може да се набљудува соодносот помеѓу феминизмот и студиите за животните, при средбите на читачката група се занимававме и со екофеминистичката критика кон други еколошки, социјални и феминистички движења. И покрај тоа што сосема маргинално ја обработувавме оваа тема, всушност, таа ни беше можеби најгорка. Додека сосема очекувано наидовме на остра критика кон либералниот феминизам, и онака редовно ставан на тапет, екофемнистичките критики кон екомарксизмот, екосоцијализмот, зелените, социјалните екологисти, нѐ поттикна (а тој поттик несомнено е присутен и денес) да ги преиспитаме и сопствените идеолошки уверувања и/или да се осврнеме кон пропустите во нив. Иако недоволно обработена, верувам дека оваа перспектива има голем потенцијал за заедничка дебата и во контексти надвор од читачка група и заедно со активисти/ки за заштита на животната средина и правата на животните.
Конечно, преплетеноста на политичките, економските, социјалните, еколошките и родовите аспекти коишто станаа видливи при нашето занимавање со пресекот помеѓу феминизмот и студиите за животните, инсистираат на понатамошно продлабочување низ читање и дискутирање во пошироки групи не само со цел градење на заедници на истомисленици, туку и за посеопфатен пристап во градењето свест за проблем којшто ги засега сите како и во креирањето на нови вредносни и акциски визии втемелени во борбата против угнетувањата. Токму во времиња кога сме сведоци на грозоморни војни коишто повеќекратно ѝ нанесуваат катастрофална штета на планетата Земја, а се, пак, поддржани од индустрии коишто исто толку немилосрдно ги исцрпуваат природните ресурси, често се сеќавам на едноставните, мудри зборови на една од учесничките на читачката група: „Не е природата некаде таму, а јас тука. Ние сме природата.“ Ние сме живата природа околу нас. И време е заеднички да ја ослободиме од нашата себична претензија да ја поседуваме и наместо тоа почесто заедно да ја набљудуваме, да ѝ се восхитуваме и да ја оставиме просто да биде.