Skip to main content

Вегетаријанката е роман-триптих на корејската добитничка на Нобеловата награда за литература Хан Канг, оригинално издаден во 2007 година, а светски прославен по објавувањето на англискиот превод на Дебора Смит. Изворот на гравитацијата во романот е Јонг-хе со нејзината ненадејна одбивност кон јадењето месо и сите конфликти произлезени од неа. Околу Јонг-хе се вртат трите раскажувачи – сопругот г-дин Чонг, неименуваниот зет и сестра ѝ Ин-хе. 

Временското преклопување на нобеловската сезона со завршните етапи на читачката група за феминизам и студии на животните ми наметнаа да го читам мошне наменски – со завршниот есеј на ум. Сепак, изобилието на книжевни теми умешно преплетени во помалку од 200 страници брзо го пресекоа мојот наивен обид за прагматичност. При истражувачкиот процес наидов на неколку интересни согледувања, од карно-фалогоцентричноста и карнизмот во романот (Kim 3-4) до радикалниот пацифизам што извира од стремежот на Јонг-хе да се сведе себеси во состојба на дрво (Casey 11). Но, во обид на побивање на неколкуте замерки на читатели околу пасивноста на ликот на Јонг-хе, првенствено поради отсуството на дел во кој самата таа е раскажувачка, во овој есеј ќе се фокусирам на сеприсутнaта побуна на главниот лик. Иако неконвенционално и навидум пасивно, Јонг-хе пружа непоколеблив отпор. Со тоа, таа ги видоизменува ги критериумите за доминантен лик во книжевноста и отвора нови можности за проучување на човековата природа.

Главниот механизам на отпорот на Јонг-хе е изразитата тврдоглавост. Уште пред да стане вегетаријанка, нејзиниот сопруг ги запознава читателите со, според него, а и според генералниот консензус (Хан 12-13), нејзиното необично одбивање да носи градник. Дури и по огромниот срам со кој се соочува г-дин Чонг на вечерата со директорите (25), Јонг-хе не го менува своето однесување. Но, важно е да се напомене дека таа не се инаети некому конкретно, туку се однесува согласно своите внатрешни потреби. Во контекстот на градникот, така прави поради сопствената удобност, макар што подоцна оваа удобност Хан ја развива во порив за промена на човечкиот идентитет кај Јонг-хе. Неносењето градник е мал аспект од отпорот на Јонг-хе кој сепак го доловува нејзиното своеволие. Оттука, тоа е зачеток на тензијата помеѓу индивидуалниот избор и колективниот притисок во романот.

Тврдоглавноста на Јонг-хе зазема поголем замав откако одлучува да прекине да јаде месо. Очигледно фрапантно за нејзините најблиски, нејадењето месо е почетната точка на конфликтите меѓу Јонг-хе и останатите ликови. Преку нејадењето и неготвењето месо, таа не ја исполнува улогата на понизна сопруга и ќерка – потег на кој му е возвратено со екстремно насилство од страната на сопругот и таткото. Читателот не дознава зошто двајцата мажи постапуваат толку драконски, дури и покрај тоа што едниот од нив е раскажувач. Веројатно и не постои посуштинска причина од „таков е редот“. Од друга страна, како одговор на ѕверството се јавува бурната реакција на Јонг-хе, која со сета своја животинска гласност пружа отпор на јадењето месо и на физичките напади. Неизбежна е паралелата помеѓу сцената на присилното хранење за време на семејниот ручек (38-40) и одвратниот опис на страдањето на свињите во фармите изложен во Dismantling Oppression: An Analysis of the Connection Between Women and Animals на Лори Груен во зборникот на Грета Гард, кој беше еден од главните текстови на читачката група. Груен вели: 

„Свињите насилно се зафрлаа наназад, опирајќи се на јажето. Ги мавтаа главите како што се превртуваа во маката за ослободување. Честопати се слушаа гласни врисоци и поедини свињи се удираа од оградите во шталите. Ова понекогаш резултираше во колабирање на свињите“ (Гард 73).

Морничава е сличноста на описот на Груен со отпорот на Јонг-хе изразен не само преку визуелно-замисливото неотворање на устата и бегање, туку и преку звуците што таа ги испушта, доловени како „рикање“ и „животински крик на вознемиреност“ (Хан 40). Во прв план, насилниот третман врз Јонг-хе предизвикува шок и сочуство кај читателите. Дополнително, согласно повеќеслојноста на романот, тој ја начнува и можноста за психолошко-трауматско видување на нејзините постапки, која подлабински е разгледана при навраќањата кон детството на двете сестри во третиот дел. Најважно, искусеното насилство подложи на непредвидлива метаморфоза во рамки на отпорот на Јонг-хе.

Преобразбата на искусениот третман започнува со неговото врамување како нераскинлив дел од човековата состојба. Иако во романот поврзаноста не е експлицитно искажана, таа се согледува преку преиспитувањето на границите на човековото индивидуално и институционално насилство наспроти одрекувањето на Јонг-хе од овие структури. Во текот на трите дела од романот, ова одрекување градациски добива сè посуштинска димензија. На почетокот Јонг-хе пружа отпор кон традиционално вкоренетото месојадење од причини усогласени со дел од видувањата дискутирани во читачката група. Имено, се чини дека нејзиното вегетаријанство не е водено од аргументирана причина, туку е резултат на тегобите и грижата на совест наметнати од повеќекратните крвави сништа (17-18). Слична линија на размислување постои кај Мери Миџли, која вели дека животните, како наши со-суштества заслужуваат обѕир не поради интелектуалниот капацитет, туку поради емоционалното заедништво (Донован 351). Понатаму, одбивањето да биде насилен месојад кај Јонг-хе прераснува во радикално неучество во сите човечки сфери. Гледајќи наназад, стремежот кон отфрлувањето на човечките карактеристики и заменувањето со растителни се насетува уште кон средината на романот, кога таа развива длабока (дури и сексуална) приврзаност со цветовите насликани од страна на нејзиниот зет (Хан 90). Однадвор, се чини дека необичниот стремеж е засилен од сè поалармантната психијатриска состојба на Јонг-хе, карактеризирана од лекарите како шизофренична и анорексична. Но, гледано низ поемпатична призма, нејзините постапки, иако бизарни, не се потполно нелогични. Ако насилството, присутно во сите човечки односи, општествени слоеви и историски епохи е нераскинлив елемент на човековата состојба, тогаш можеби единствениот начин за радикален отпор кој не е огледало на однесувањето на насилникот е одбивањето да се биде човек, да се биде дел од семејство и општеството, да се јаде и да се зборува. Секако, овој пристап нималку не е рецепт за активизам, но дефинитивно ја открива моменталната нераздвоивост на свирепоста од човековото дејствување во контекст на сите типови на угнетување.

На овој начин, преку непоколебливиот и сè поектремниот отпор на ликот на Јонг-хе, авторката на Вегетаријанката поставува нови прашања за индивидуалниот одговор на сеприсутното насилство. Тврдоглавоста на Јонг-хе и нејзиниот стремеж кон коренита трансформација на идентитетот ги доловуваат границите на самоволјата, оцртувајќи ја како впечатливо доминантен книжевен лик. Последиците од нејзините постапки пак, им отвораат на читателите нови погледи кон природата на човековата состојба. 

 

Библиографија:

Casey, Rose. “Willed Arboreality: Feminist Worldmaking in Han Kang’s The Vegetarian.” Critique: Studies in Contemporary Fiction, vol. 62, no. 3, May 2021, pp. 347–60. https://doi.org/10.1080/00111619.2020.1841725.

Donovan, Josephine. “Animal Rights and Feminist Theory.” Signs, vol. 15, no. 2, 1990, pp. 350–75.

Gruen, Lori, and Greta Gaard. “Dismantling Oppression: An Analysis of the Connection Between Women and Animals.” Ecofeminism: Women, Animals, Nature, Temple University Press, 1993.

Han, Kang, and Deborah Smith. The Vegetarian. Hogarth, 2015.

Kim, Won-Chung. “Eating and Suffering in Han Kang’s The Vegetarian.” CLCWeb: Comparative Literature and Culture, vol. 21, no. 5, Sept. 2019. DOI.org (Crossref), https://doi.org/10.7771/1481-4374.3390.